Поранешен ученик во основното училиште „Братство Миѓени“ малолетник од Тетово е осомничен дека на неговиот компјутер ја напишал и потоа ја испратил заканувачката порака за поставена бомба во дворот на училиштето, информираше доцна синоќа портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски.
Според неговите податоци со соодветна судска наредба и во кооординација со јавниот обвинител денеска попладне бил одземен и копјутерот на малолетникот за понатамошно вештачење.
За дорасветлување на мотивите и намерите на момчето за испраќање на пораката, рече Јосифовски, ќе биде разговарано и со него во присуство на неговите родители и претставници од Центарот за социјални работи.
Инаку, во пораката што тој ја испратил до десеттина наставници од училиштето стоело дека има поставено бомба што ќе биде активирана доколку многу скоро не бидат оставени 100 илјади денари покрај дрво на влезот во училиштето кај спортскиот центар. Веднаш откако ја забележале пораката наставниците ги извадија учениците надвор од училиштето на спротивната страна на улицата, а полицијата по неколкучасовни претраги утврди дека нема поставено никаква бомба во објектот и дворот и оти станува за лажна тревога.